Советниците на Заев чинат околу 600.000 евра годишно?!

Според пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, трошоците за советниците на премиерот Зоран Заев достигнуваат околу 600.000 евра годишно.



Во табеларниот приказ објавен на профилот на „Твитер“ на поранешниот министер за надворешни работи и експотпретседател на Собрание, на кој фигурира и сега веќе бившиот консултант на претседателот на Владата, Џезаир Шакири алијас Командант Хоџа, стои дека сумата што се издвојува од буџетот за 56 советници на годишно ниво е 604.800 евра.

Тринаесетте посебни советници чинат 140.400 евра на годишно ниво, од кои 93.600 евра за плати и 46.800 евра за патни трошоци.

Десетте советници ги чинат даночните обврзници 108.000 евра, од кои 72.000 за плати и 36.000 за патни трошоци.

За 33 надворешни соработници, пак, меѓу кои само неколку дена се вбројуваше и командантот на ОНА од воениот конфликт во 2001 година, потребни се 356.400 евра, од кои за плати 237.600 евра, а за патни трошоци 118.800. Повлекувањето на Шакири ја намалува сумата за надворешните соработници за 10.800 евра годишно.

До овие бројки Милошоски дошол со собирање на платите од по 600 евра месечно за сите советници, на кои додал по 300 евра месечно за секого за патни трошоци.