Група држави против корупцијата (ГРЕКО), антикорупциско тело на Совет на Европа, во својот втор извештај објавен денеска констатира дека Македонија нема остварено забележителен напредок во спроведувањето на препораките за превенирање на корупцијата меѓу пратениците, судиите и обвинителите.
Нарекувајќи го постигнувањето на земјата „очигледно разочарувачко“, ГРЕКО ги повика македонските власти да преземат решителни активности фокусирани на бројните препораки дадени пред 4,5 години.
Само шест од 19. препораки се успешно применети, осум делумно, а пет воопшто не се спроведени.
Во однос на членовите на Парламентот, ниту едно предложено подобрување не е ни делумно имплементирано, со исклучок на она што се однесува на изготвувањето кодекс на однесување на парламентарците, кој сега е вратен во процедура откако проектот беше заглавен на крајот од 2016 година.
Што се однесува до судиите и обвинителите, пак, извештајот открива дека земјата направила одреден ограничен прогрес, посочувајќи го усвојувањето на измените на Законот за Судски совет (во декември 2017 и мај 2018 година). ГРЕКО, исто така, забележува дека се формирани нови советодавни и надзорни тела за работата на судиите и на обвинителите како поддршка во спроведувањето на нивните соодветни правила на однесување во секојдневната практика, но има потреба од преиспитување на тие подобрувања кога ќе ѝ станат достапни повеќе специфични информации.
Антикорупциското тело на Совет на Европа, со седиште во Стразбур, жали и што нема значајно поместување во однос на засилувањето на контролната функција и на балансираниот и ослободен од политички влијанија пристап на Државна комисија за спречување корупција. Уште повеќе, таа неодамна беше вовлечена во сериозни контроверзии, што резултираше со оставки на мнозинството од нејзините членови поради наводите за лошо управување со средствата.
ГРЕКО заклучува дека сегашното многу ниско ниво на усогласеност со препораките е „општо земено незадоволително“ и бара од шефот на македонската делегација да поднесе извештај за напредокот на земјата во имплементирањето на препораките колку што е можно поскоро, а најдоцна до 30 јуни 2019 година.




