Клиничката болница Жан Митрев беше домаќин на Пролетниот состанок на Европската федерација на асоцијации на сестри за интензивна нега (European Federation of Critical Care Nursing Associations – EfCCNa). Повеќе од 30 претставници и членови на одборот на федерацијата од 27 европски земји на дводневниот состанок дискутираа за целите и задачите на федерација и на националните здруженија залагајќи се за подобрување на интензивната нега на критично болните пациенти и помош на нивните семејства.
![]()
Пред почетокот на состанок на претставниците на националните асоцијации д-р Жан Митрев им посака добредојде и успешна работа, воедно заблагодарувајќи им се што годишниот состанок го одржаа во Клиника Жан Митрев како една од највлијателни членки.
![]()
„Овие собири се исклучително важни за нашата работа и затоа упатуваме голема благодарност до Клиника Жан Митрев што ни овозможи пролетниот состанок да го одржува тука, обединувајќи ги претставниците на националните асоцијации вклучително и локалните од Македонија. Во нашата федерација се вклучени асоцијации од јавното и приватното здравство што го проширува и продлабочува нашето влијание кон заедничката цел, да работиме заедно и да постигнеме повеќе за нашите пациенти“, вели Колет Рам, претседателка на Европската федерација на асоцијации на сестри за интензивна нега.
![]()
Европските асоцијации на сестрите на интензивна нега се реномирани здруженија чија цел е унапредување на здравствената услуга и подигнување на нивото на ефективност на овој персонал во најклучните фази од лекувањето. Преку асоцијациите се воспоставуваат стандарди за едукација, пракса и управување со работната сила на медицинските сестри во интензивна нега и се поттикнува дополнително образование, истражување и знаењето во интензивната нега на пациентите.
![]()
Европската федерација на асоцијации на сестри за интензивна нега постои од 1999 година. Македонија е член од 2014 година а сестра Жанета Богоевска Митева од Клиника Жан Митрев како претставник на Македонското здружение на сестри за интензивна нега е член во Одборот на EfCCNa. Во моментов федерацијата брои 31 член од 27 држави и претставува повеќе од 25 000 медицински сестри кои се вклучени во процесот на работа на интензивна нега.





