Француската банкарска групација „Сосиете Женерал“ го повлекува својот бизнис од Македонија, како и од уште пет земји од Источна и Централна Европа – Бугарија, Албанија, Србија, Црна Гора и Молдавија, тврди бугарскиот портал „Капитал.бг“.
Во деталната анализа за работењето во наведените држави порталот пишува дека „Сосиет Женерал“ не е задоволна од својата позиција на набројаните пазари, каде што нејзините банки не само што не се лидери, туку не се ни меѓу трите најголеми во овие земји. Покрај тоа, овие пазари се презаситени и непривлечни во моментов за францускиот банкарски бренд, додава порталот.
„Капитал.бг“ тврди дека банките на „Сосиет Женерал“ од сите шест држави ќе се продаваат во пакет, а како потенцијални купувачи ги посочува унгарската ОТП банк и американската „Аполо глобал менаџмент“.
Групацијата „Сосиет Женерал“ е присутна во Македонија од 2007 година, кога дел од неа стана Охридска банка, која во 2016 и во 2017 година беше прогласена за банка на годината во Македонија според „Јуромани“.




