Политологот Богдан Беспаљко, член на Совет за меѓунационални односи при Претседател на Руска Федерација, смета дека со изборот на Стево Пендаровски за наследник на Ѓорге Иванов не треба да се очекува подобра клима во односите меѓу Македонија и Русија.



„Севкупно земено, во прилог на тоа одат влезот на Северна Македонија во НАТО и нејзиното движење кон ЕУ, како и влошувањето на внатрешната клима во Македонија, бидејќи по правило прозападните политичари во таа земја го нарушуваат балансот меѓу словенската и албанската заедница, правејќи бројни отстапки на Албанците“, изјави тој за Радио Спутник.

Соработникот на шефот на руската држава Владимир Путин со свое видување и за односите Скопје-Белград по изборот на Пендаровски.

„Односите со Србија ќе се влошат, токму како и со Русија, со тоа што Пендаровски најверојатно ќе ги поддржува независноста на Косово и неговиот влез во низа меѓународни организации. Но, треба да се каже дека засега тоа се само претпоставки, а што навистина ќе се случува ќе видиме веќе по првите изјави на Пендаровски“, изјави Беспаљко.

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска му го честита изборот на Пендаровски, изразувајќи надеж за воспоставување добра соработка во иднина, посебно за поттикнување на соработката во областа на економијата.