Четириесет години од сега или во 2063 година Македонија најрано би станала членка на Европската унија, проценува експертката за Балканот и акредитирана соработничка на Европскиот парламент, Федерика Велк, врз основа на трендот во реформите поврзани со ЕУ во периодот 2019-2021.
„Ако јас би била на местото на една од тие земји, немаше да верувам дека нешто некогаш ќе се промени. На Србија ѝ требаат повеќе од 40 години. #Проширување“, објави таа на Твитер.
Според Велк, Македонија и Србија би биле во вториот бран проширување, две години по Црна Гора, која е најблиску до ЕУ – „само“ 38 години од сега.
По Македонија и Србија во Унијата од Западен Балкан ќе влезе Албанија, на која таа ѝ дава 48 години за зачленување, потоа Косово по 62 години и на крајот Босна и Херцеговина по 68 години од сега.
Проценката на Велк е далеку попесимистичка од таа на премиерот Димитар Ковачевски, кој ја убедува македонската јавност дека земјава ќе стане полноправна членка на Унијата до 2030 година.






