Сопственикот на „Беса транс“ е во Бугарија, Спасовски тврди дека „сопствениците се во Македонија“

Сопственикот на фирмата Беса транс Беким Хаџиу не се вратил од Бугарија после несреќата, бидејќи сакал да биде достапен на истражните органи во државата каде што се случи трагедијата со автобусот и загинаа 45 македонски државјани од кои 12 деца.



Хаџиу во интервју за БНТ вели дека не излегол од Бугарија, бидејќи бил возач на друг автобус, а кога слушнал за трагедијата, застанал на границата и се вратил со такси. Во Софија тој зел и стан и тврди дека ќе остане за да помогне на истражителите.

Од друга страна, потсетува Телма, министерот Оливер Спасовски во петокот одговори дека сопствениците се достапни и се во Македонија.

-Овие лица се достапни, тука се. Се разговара со нив врз основа на наредби од јавното обвинителство. Секако ќе има разговори и со патници од другите автобуси, но ги чекаме наредбите од обвинителството, одговори Спасовски на новинарско прашање.

Интервјуто за бугарски БНТ е прво појавување во јавноста на сопственикот на Беса транс, Беким Хаџиу. Роднини на настраданите сведочеа во Софија дека тој се јавувал на блиски на жртвите за да им изрази сочувство.

Хаџиу во интервјуто посочил и дека тој е во контакт со семејствата на настраданите.