Владејачките германски партии ЦДУ/ЦСУ не сакаат брз почеток на преговори на ЕУ со Македонија и Албанија.
„Додека се донесе одлука ќе дојде октомври“, вели претседателот на Комисијата за европска политика на Бундестагот, Гунтер Крихбаум од Христијанско-демократската унија, кој за агенцијата ДПА оценува дека „сигурно нема да има ништо“ од позитивно изјаснување на 28-те земји членки на Унијата веќе на средината од јуни, пренесува „Дојче веле“.
Од друга страна, државниот министер за Европа во германското Министерство за надворешни работи, Михаел Рот (СПД), притиска за брз почеток на преговорите.
„Сега ЕУ треба да испорача“, пишува Рот во гостински коментар за весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“. „Треба да го одржиме ветувањето“, пишува Рот, кој оценува дека Северна Македонија и Албанија направиле „опиплив напредок“.
Се очекува Европската комисија денеска да препорача почеток на преговори со двете земји. Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан во април изјави дека смета на позитивна одлука.
„Конечниот збор го имаат државите на ЕУ и тој може да биде даден веќе на 18 јуни“, рече Хан на средба на европските министри во Луксембург.





