Според првичните информации на Јавното претпријатие за државни патишта, денешната сообраќајка во која камион со брашно удри во наплатна рампа кај Кадрифаково, ќе го одложи планираното пуштање во работа.
„Во незгодата во целост е оштетена една наплатна кабина и има делумно оштетување на две соседни кабини. Од ударот во кабината предизвикано е оштетување и на опремата на Наплатната станица, односно на самите ленти на кои се поставени наплатните ленти. Конкретно, целосно се оштетени две автоматски бариери – задни рампи, а исто така целосно се оштетени два линиски контролери.Има и оштетувања на друга поставена опрема, како држачи, столпчиња и слично“, информира ЈПДП.
Во моментов, информираат за МИА од ЈПДП, стручни екипи на изведувачот вршат проценка на предизвиканата штета, а засега не може да се предвиди за колку време ќе биде пролонгирано нејзиното пуштање во употреба предвидено претходно за почетокот на април годинава.







