Сонот на султанот Али и животот на Македонците

Што навистина сонува а што треба да сонува ,,султанот” Али Ахмети во својата најнова колумна анализира Никола Тасев.



„Најновиот таков сон ни го раскажа министерот Османи минатата недела, кога го објави името на Талат Џафери како кандидат за Премиер на техничката влада, па ни раскажа што ново сонувал „Султанот“ Ахмети – Албанец за претседател на Македонија.

А Ахмети сонува многу, а и соновите претежно му се остваруваат. Во тоа несебично му помага и коалициониот партнер СДСМ. Иако, кога Ахмети сонува и го раскажува сонуваното, од СДСМ, на почеток се потсмеваат, па дури и ги загнуваат своите медиумски потрчковци и аналитичари да објаснуваат зошто сонот не е остварлив, сепак на крај тие си ја прифаќаат улогата на статисти во неговиот сон. Еве, за еден месец уште еден сон на Ахмети, сонуван пред 4 години – Албанец за Премиер, со помош на СДСМ, ќе се претвори во јаве.

А нови избори се ближат – новиот сон за Албанец за претседател на Македонија – веќе се раскажува.

Овие соништа не можам да ги осудам, ниту пак негативно да ги коментирам, оти тие се оправдани за секој политичар во Македонија. Секој сонува да биде нешто: министер, Премиер, Претседател… Освен можеби Ковачевски, кој пред две години, ни на сон не можел да помисли дека некогаш ќе биде Премиер.

Ама сакам да прокоментирам, кога бе тоа Ахмети ќе сони како албанскиот народ во Македонија има среќен, пристоен и достоинствен живот? Тоа е вистинскиот сон, а да не зборувам дека и за арното на Македонците и останатите кои живеат во земјава во тој сон мора да има место. И да се разбереме, притоа овде не мислам на вработувањата во администрацијата по етнички клуч, ниту пак на групата околу врвот на ДУИ кои се шетаат од една на друга функција во последните две децении. Мислам конкретно на животот на обичниот Албанец (а и Македонец) во Македонија како граѓани на нашата држава.

Е таков сон кога ќе сони Ахмети”, прашува Тасев во колумната за Скопско Ехо.