
Противуставни, дискриминирачки и спротивни на интересите на работниците. Вака Советот на СОНК ги толкува одредбите од Предлог- измените на Законот за систем на плати во јавниот сектор. Бара тие да се повлечат, а синдикатите, работодавачите и Владата да седнат на маса и да изготват нови. Една од клучните забелешки на СОНК е легализацијата на нивелирање на платите кои ќе растат само линеарно.
„Тоа значи дека од најниската работна позиција, со најмалку сложеност на работно место, до највисоката позиција со најголем бод на сложеност на работно место имаат линеарно зголемување“, изјави Јаким Неделков, претседател на СОНК.
Со измените на законот се елиминира можноста за уредување на платите и надоместоците на плати со колективните договори, а исплатата ќе зависи дали во буџетот има доволно средства. Платите и надоместоците можат и да се ограничат и намалат, доколку приоритет на Владата бидат некои други дејности или биде прогласена кризна состојба, велат од СОНК. Од таму реагираат и дека доколку се изгласаат законските измени, нема да имаат никакви можности за корекции на методологијата за работни места, зашто неа ќе ја уредува Владата со Уредба, а вредноста на бодот ќе ја утврдува Собранието.
„Колкави ќе бидат платите во јавниот сектор, повторно синдикатите немаат никаво влијание, колективните договори нема да важат и се она што до сега е договорено со колективните договори. Со методологии за пресметка на плати станува ништовно“, вели Неделков.
Одредби од предлог измените на Законот важат само за одредени категории вработени, а лошо е уредено и правото на штрајк со исплата на дневници што ќе биде по неповолна законска регулатива, дополнуваат од СОНК.
За измените на Законот за плати во јавниот сектор, чиј предлагач е МИОА, од Владата повторуваат дека се во фаза на јавна расправа и дека сите засегнати можат да достават мислење и предлози.






