ВМРО-ДПМНЕ бара јавноста и просветните работници да бидат информирани за текот на преговорите на СОНК и Влада.
„Од прекинувањето на штрајкот со манипулативни методи, до денес помина недела дена, а јавноста нема никаква информација дали и што договориле двете страни, СОНК и Владата со посредство на помирувачот вработен во кабинет на министер.
Очигледно целта на власта е што е можно повеќе и подолго да се пролонгира и да се забошотат легитимните барања на просветните работници.
Наставниот кадар легитимно бараше согласно колективниот договор нивните плати да се нивелираат според порастот на минималната плата. Тоа ќе овозможеше поголема и достоинствена заработка на лицата кои се грижат, ги воспитуваат и едуцираат нашите деца. Навистина е понижувачки наставниот кадар да зема плата која е едвај повисока од минималната плата во земјата.
Изговорите на власта дека нема пари, дека покачувањето ќе предизвика инфлација и слично беа обични лаги, бидејќи јавноста виде дека биле трошени милиони евра за криминални физибилити студии, криминални договори во 4 очи, набавки на цвеќиња, кафиња, жардињери, фстаци службени возила и какви ли не други непродуктивни трошоци“, се наведува во соопштението од опозициската партија.







