До овој момент нема заемен договор со ресорните министри, објави денеска на прес-конференција претседателот на Синдикатот на образованието, науката и културата, Јаким Неделков, најавувајќи дека штрајкот во училиштата и градинките ќе продолжи и утре.
Тој најави дека очекуваат денеска попладне нова средба во Владата и нивните очекувања се дека Владата ќе смогне сили и ќе им ги исполни барањата.
„Има таков сигнал дека попладне ќе се сретнеме во Владата, но за конкретни потврди подоцна ќе објавиме. Нашето очекување е во интерес на учениците, децата во детските градинки, родителите, колегите кои штрајкуваат, во интерес на Република Македонија, Владата да смогне сили и да изнајде начин и средства да ги договориме оние побарувања кои СОНК ги има доставено, се мисли во однос на усогласување на платите во дејностите што ги застапува синдикатот, во однос на зголемување на минималната плата на пропорционално ниво, продолжување на преговорите за потпишување на колективни договори во детските градинки и основното и средното образование и секако договор за динамика за пораз на платите во овие дејности за 2023 и 2024 година“,
рече Неделков.
Меѓутоа, како што рече тој, мали се шансите дека вечерва ќе се случи нешто односно членството ќе успее да донесе нова одлука што значи дека најверојатно штрајк ќе има и утре.
„Не знам кога ќе биде средбата, не знам колку би било тоа прифатливо и веднаш да се работи, без разлика што еве и дел од слободното време на членовите би им се одзело вечерва. Меѓутоа, мали се изгледите дека може вечерва да се случи нешто за носење на нова одлука. Во секој случај сè поизвесно е дека и утре продолжува штрајкот“,
рече Неделков.
На преговорите со Владата претставниците на СОНК ќе бидат придружувани и од директорката на Европската конфедерација на синдикатите на образованието Сузан Флокен која пристигнала во земјава за да им даде поддршка на членовите на СОНК.
„Колешката е дојдена во знак на изразување на силна поддршка на дејностите кои ги застапува СОНК и кои во моментов се во штрајк и се надевам дека ќе ни помогне во понатамошните преговори со владините претставници и министрите во што поскоро изнаоѓање на соодветно прифатливо решение“,
рече Неделков.
Флокен присуствуваше и на прес-конференцијата на СОНК на која порача дека наставниците имаат право да бараат повисоки стандарди бидејќи образованието е тоа што ја креира иднината на една држава. На новинарско прашање, дали и во други европски земји се штрајкува со бојкот на наставата, таа одговори потврдно.





