Ракометарките на Ѓорче Петров се пласираа во четвртфиналето на Европскиот куп и успехот го прославија со Сонцето од Кутлеш на теренот во чешкиот град Хеб, каде што загубија со 34:33 од Кинжварт, со што ја сочуваа предноста од 32:29 од првиот натпревар пред една седмица во Скопје.



Некогашниот европски шампион ппласманот меѓу осумте најдобри во клупското натпреварување на ЕХФ го најави со водството од 20:16 на полувреме, во второто му дозволија на противникот да направи пресврт и да поведе со 26:24 во 47. минута, но тоа беше максимумот на домаќинот во реваншот од осминафиналето.

Катерина Дамјаноска со 6/6 беше најдобра во нападот на македонскиот првак, за кој Анастасија Николовска оствари ефект 6/10, а голманките заедно запишаа 18 одбрани, од кои Слободанка Кицеска 10 и Матеа Чурлиновска 8.