Софија со грчки рецепт: Спорот со Македонија може да трае 28 години

Бугарската влада ќе ја користи грчката тактика за долготрајна дипломатска битка и преговори со Македонија околу јазикот и идентитетот.



Ова го открива бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов кој предвидува дека бугарското вето за преговарачката рамка ќе претставува „ладен туш“ за земјава.

“Се надевам дека овој студен туш ќе ги натера да ги напуштат илузиите, да се свестат и да седнеме на маса и со искрен дијалог како луѓе кои имаат заедничка историја и зборуваат на истиот јазик. Очекувам да биде така. Ако не – нема проблем, ние не брзаме. Тие 28 години спореа со Грција. Ние сме подготвени за толку долг разговор”, вели Каракачанов.

Република Македонија не е подготвена да започне преговори за членство со ЕУ, затоа што Владата во Скопје повеќе од три години се обидува да не го спроведува Договорот со Бугарија, тврди бугарскиот вицепремиерот и министер за одбрана.

Според него, не е постигнат напредок во ниту една од точките на овој Договорот потпишан на 1 август 2017 година.

“Не можам да разберам зошто некои надворешни набљудувачи ги мешаат работите. Бугарија не аплицира за членство. Бугарија е земја членка, Македонија аплицира за членство во ЕУ и треба да биде јасно дека обврските што ги презеде со склучените договори, како што е Договорот од Скопје од 1 август 2017 година, мора да ги почитува. Во Македонија, сепак, се чини дека постои и продолжува да постои идејата дека некој ќе ја притисне Бугарија во последен момент и дека Бугарија ќе потклекне – изјави Каракачанов во интервју за емисијата „Брисел 1“ на АВ ТВ.