По неуспешната денешна средба со координаторите на пратеничките групи, одложено е одржувањето на утрешната 36-та седница на Собранието.



Спикерот Талат Џафери на прес конференција соопшти дека ќе почека до четврток, кога ќе излезе еден од двајцата пратеници од мнозинството кои се во изолација, за да се одржи седницата, на која, меѓу 30-те точки, на дневен ред е и петтиот пакет мерки за помош на економијата.

Џафери ја обвини опозицијата дека ја злоупотребува здравствената состојба на пратениците и дека му поставуваат ултимативни предлози што не може да ги прифати и затоа ќе почека да излезе еден од двајцата пратеници во изолација за да се обезбеди кворум.

Пред Џафери, на прес-конференција координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, обвини дека ДСМ и ДУИ го блокираат петтиот пакет економски мерки.

Мицевски рече дека на средбата на координаторите тој предложил четирите точки со законите за економските мерки да се стават на посебна седница, но дека неговиот предлог бил одбиен.

„Сакаат да ја искористат опозицијата да им обезбеди кворум и на утрешната закажана седница да протуркаат штетни закони за кои треба да се дебатира, бидејќи сметаме дека се штетни за граѓаните и државата“, изјави Мицевски.