На 6 август – четврток, во 20 часот пред платото на Универзална сала, ќе се организира собир под наслов „Да бидеме солидарни за срцето на Скопје. Придружете се на собирот за Универзална сала, да не дозволиме да исчезне овој белег на Скопје“.
Вака гласи повикот на јавниот настан креиран на Фејсбук, а кој доаѓа по изјавите на градоначаникот на Град Скопје, Петре Шилегов за уривање на Универзалната сала и нејзина изградба на нова локација.
Идејата за уривање на Универзална сала ја крена јавноста на нозе, која за скопјани е симбол на постземјотресно Скопје кој благодарение на помошта од целиот свет беше прогласен за град на солидарноста.

„Оваа Универзална сала за приредби е подигната со помошта што на Скопје му ја упатија граѓаните, хуманитарните организации и владите на Авганистан, Австралија, Аргентина, Боливија, Бразилија, Гвинеја, Иран, Ирак, Индонезија, Израел, Јордан, Јемен, Јапонија, Камбоџа, Куба, Канада, Кипар, Либан, Либерија, Луксембург, Мали, Монголија, Мароко, Монако, Нигерија, Нов Зеланд, Пакистан, Судан, Сенегал, Сирија, Турција, Тунис, Уругвај, Цејлон, Чиле, како и странските туристи што на денот на катастрофата се најдоа во Југославија.
ОВОЈ ОБЈЕКТ ЌЕ ОСТАНЕ КАКО ТРАЕН СИМБОЛ НА МЕЃУНАРОДНАТА ЧОВЕЧКА СОЛИДАРНОСТ ВО ОБНОВАТА НА СКОПЈЕ ПО КАТАСТРОФАЛНИОТ ЗЕМЈОТРЕС 26 ЈУЛИ 1963 ГОДИНА.“- стои на таблата при влегувањето во Универзалната Сала.





