По изјавата на министерката за одбрана Радмила Шекеринска дека се размислува да се формира и Државна компанија која ќе ги обезбедува касарните на АРМ, реагира Синдикатот на одбраната и безбедноста ((СОБ).
Претседателот на СОБ Ристо Ајтов остро се спротивставува на идејата и вели дека сите дојденци во МО кои не се разбираат од безбедноста треба веднаш да ги напуштат позициите а наместо приватни агенции, касарните да ги чуваат самите војници.
Некои експерти за безбедност меѓу кои и професори од Факултетот за безбедност од Скопје тврдат дека на професионалните војници не треба да им биде оставена обврската да чуваат стража туку да бидат на обуки и да вршат други оперативни задачи.
Исто така наводно според нив препорака на НАТО е да се ангажираат приватни агенции за обезбедување на државни објекти од одбраната.
Агенцијата за обезбедување би била составена од поранешни припадници на АРМ со навршени 45 години.
Но, Ајтов не се согласува со ваквите тврдења бидејќи на тој начин ќе се овозможат безбедносни пропусти бидејќи приватните агенции не ги исполнуваат стандардите на обезбедување на воени објекти.
Од Министерството за одбрана велат дека се прават анализи за решавање на ова прашање.
Во јавноста веќе се шири негативна перцепција дека ако АРМ не може да се штити себеси, тогаш како ќе ја чува државата, пишува Фактор.




