“Албин Курти е премиер не само на Косово, туку на сите Албанци!“ – порача градоначалникот на Тетово и лидер на опозициската партија Беса вчера вечер од големиот концерт на градскиот плоштад во Тетово, кој беше одржан во негова чест. Ова го објави ТВ 21 во својата информација со наслов „Касами: Албин Курти е премиер на сите Албанци“.
ТВ 21 пишува: “Денес во текот на целиот ден каде и да се движевте ја чувствувавте поддршката и љубовта од Албанците во * Македонија. Оваа љубов и поддршка нема само институционален карактер, туку произлегува од вашата сегашна позиција. Истото кон вас го имавте и кога бевте опозиционер, Албин!’ – рече Касами, нагласувајќи дека поддршката има национален карактер“
Се наметнуваат неколку прашања: Во чие име и со каква намера Билал Касами го прогласува Албин Курти „премиер на сите Албанци“, со што директно вели и „премиер на Албанците од Македонија“ ?
Касами должи одговор пред целата македонска јавност и на прашањето: зошто повторно го употреби изразот „Дарданско Тетово“, посакувајќи му добредојде на Курти?
Имајќи предвид дека меѓу Албанците во Балканот се употребува се повеќе „новиот топоним“ за Косово „Дарданија“, дали можеби лидерот на Беса Касами имаше намера Тетово да го означи како „Косовско Тетово“, односно да навести некој следен процес на „косовизација“ на „главниот град на Албанците во * Македонија“ – неговиот втор омилен назив за градот Тетово, кој е инаку составен дел од територијалниот интегритет на унитарната држава Македонија?!
Дали неистакнувањето на знамето на Македонија – на државата, на чија територија се одвиваше вчера пречекот на претседателот на Владата на Косово Албин Курти – е можеби дел од некое следно сценарио за „дарданизацијата“ на Тетово по целата оваа зачестена серија на доаѓања на Курти, Вјоса Османи и други високи косовски политичари оваа година во овој северозападен дел на Македонија?





