Европската Унија ќе инвестира повеќе од 600 милиони евра во изградба на брза пруга меѓу Белград и границата со Македонија, најави вчера Александар Вучиќ, јави МИА од Белград.
„Најважното нешто за што разговаравме овде во Брисел е тој фантастичен проект на брзата пруга Белград-Ниш, за кој добивме понуда од Кинезите. Европејците рекоа дека можат да дадат подобра понуда и добивме неверојатна цена“,изјави вчера Вучиќ.
Вучиќ објасни дека, според избраната варијанта, тоа ќе ја чини Србија максимум 1,2 милијарди, бидејќи парите од ЕУ се околу 35 до 50%.
„Ќе се молиме сè да биде готово до крајот на 2025 година или почетокот на 2026 година, изјави Вучиќ, потенцирајќи дека „ова е голема шанса за Србија и голема надеж“.
Тој изјави дека ќе се гради комплетна пруга од Ниш до Прешево, што не е едноставна работа, особено во Грделичката клисура.
„Верувам дека од Белград до Скопје, со сите станици, ќе се патува нешто повеќе од 3 часа, околу 3 часа и 30 минути до Скопје од главниот град на Србија. Со авион не можете побргу да стигнете. Ова се неверојатни промени“, рече Вучиќ.







