Иако досега секогаш кога во една година завршувал мандатот на владата, на претседателот или на градоначалниците, парламентарните, локалните и претседателските избори биле одржувани заедно во ист термин, сега владеачката партија СДСМ планира два пати во една година граѓаните да гласаат на избори.
,,Парламентарни избори ќе има во 2024 и на тие ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски ќе бидат поразени, а претходно, ќе изгубат и на редовните претседателски избори исто така во 2024 година”, пишува во соопштението што СДСМ го објави два пати за десет часа.

Тоа значи дека СДСМ планира две кампањи во 2004 година, најпрвин во март да организира претседателски избори а потоа во јуни да организира и парламентарни избори.
Според соопштението СДСМ планира до крај да остане на власт односно наместо да заштеди неколку милиони евра со парламентарни избори заедно со претседателските, да купи уште три месеци во Илинденска.
Со соопштението во кое СДСМ уште од сега прецизира дека ќе оди на избори два пати во три месеци јасно укажува дека анкетите што ги објавува опозицијата се точни и дека партијата на Ковачевски уште сега знае дека ќе преживее тежок пораз на следните избори.
Според партиски анализи со заедничко одржување на парламентарните и претседателските избори државата би заштедила меѓу 5 и 7 милиони евра во зависност од изборниот модел и видот на избори.
Посебен проблем е што со два циклуси за три месеци Македонија која е со месеци блокирана за време на избори затоа што партиите не ги почитуваат роковите за спроведување на пропагандните активности, ќе биде во кампања најмалку половина година, период во кој во земјата ништо не функционира а бизнисот го чека резултатот од изборите.
Доколку СДСМ опстои на скапиот план со цел да издржи што е можно подолго на власт тоа значи дека Македонија од јануари до јули а можеби и до септември ќе нема функционален парламент.






