Со традиционалното дефиле под маски, кои на сатиричен начин ќе ги прикажат случувањата во јавниот и политичкиот живот, како во земјава, така и во странство во изминатата година, денеска напладне ќе се одржи официјалниот дел од Вевчанскиот карневал.
Дефилето почнува околу 14 часот од почетокот на селото, движејќи се низ главната улица до центарот, каде маскираните го вртат Василичарското оро.
Преку маските вевчанци испраќаат силни пораки да биде годината бериќетна, да има среќа, здравје и да се променат негативните работи во општеството.Се верува дека преку маските Василичарите го бркаат злото и прочистени ќе ја дочекаат Новата година, според Јулијанскиот календар.
Утре, на верскиот празник Свети Василиј одат на имендени или по вевчански визити во семејствата каде го има името на светецот.
Новата година, според Јулијанскиот календар, ќе биде дочекана вечер со спектакуларен огномет во центарот на Вевчани, а присутните ќе ги забавуваат Akustik band live, Наум Петрески, Оркестар со зурли и тапани Вевчани и Перо Бели и Коки Биортиам.
Манифестацијата почна синоќа со Dj Ampov и Younge Daddy, а забавата продолжи со настап на Игор Џамбазов со Гуру Харе бенд и Нокаут. МИА





