Американскиот „свиркач“ Едвард Сноуден реагираше на апсењето на Џулијан Асанж во Лондон, со оценка дека сликите на насилното апсење претставуваат „мрачен момент за слободата на печатот“.
На Твитер тој уште додаде дека сликите на апсењето на ‘наградуван за новинарство’, кој беше извлечен од амбасадата, ќе „завршат во книгите за историја“.
„Критичарите на Асанж може да навиваат, но ова е мрачен момент за слободата на печатот“, напиша Сноуден, кој работел како советник на Државната агенција за безбедност на САД и кој предизвика контроверзи откако објави дека постојат голем број тајни проекти за прислушкување и надгледување дури и на обични граѓани.
Скандалозни документи кои Сноуден ги предаде на „Вашингтон пост“ и на „Гардијан“ открија дека американските тајни служби го прислушкувале дури и мобилниот телефон на германската канцеларка Анегала Меркел, што предизвика голем меѓународен скандал. Сноуден од 2013 година е во Русија, каде што доби азил.





