Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и тогашниот обвинител Џелал Бајрами неколку дена по петкратното убиство кај Смилковско Езеро размениле СМС пораки, а дел од нив беа прочитани на денешното рочиште за „Монструм“.
Ахмети на 24 април во 7.34 часот, го прашува Бајрами каква е состојбата, по што добива одговор:
„Чекаме претседателе, нема многу јаки докази. Јасно се гледа дека биле професионалци. И на премиерот му реков. Не се случувало вака да егзекутираат деца од зад грб. Ова го немаше ниту во војната во Косово, ниту во војната во 2001 година.
Ако некој сакал дестабилизација ќе нападнел униформирани лица, полициска станица… Мене ми наликува на сцени од војната во поранешна Југославија. Биле професионалци, не оставиле никакви траги, освен на трагите на гумите од автомобилот, му пишува Бајрами на Ахмети.
На прашањето на Ахмети дали имало биолошки траги внатре?
„Најдени се две траги внатре, но не одговараат на оние кои досега биле испрашани, вели Бајрами.
За петкратното убиство кај Смилковско езеро на 12 април 2012 година, обвинети се Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири.
Тие претходно беа обвинети на доживотен затвор. Во декември 2017 година, Врховниот суд ја укина пресудата по што случајот го презеде СЈО.





