Интересен и по малку вознемирувачки настан се случи попладнево во скопската населба Аеродром. Змија долга околу 150 сантиметри, која претходно слободна се движела низ парковите и паркингот позади Општината, влегла во внатрешниот дел на еден паркиран автомобил.



И додека насобраните граѓани се прашуваа што да се прави, беше повикано вешто лице од скопската Зоолошка градина кое потоа речиси еден час се обидуваше да ја залови. Смокот постојано успеваше да се сокрие во внатрешниот дел над на гумите, потоа кај резервоарот и во сите можни места во долниот дел од автомобилот, по што конечно беше фатен и сместен на безбедно. При фаќањето, на што посведочи и репортерот на Експрес, специјалистот беше дури и каснат од смокот, но за среќа се работи за змија која не е отровница, па не можеше да предизвика сериозни проблеми за неговото здравје.


Со оглед дека се работи за змија која не поднесува заробеништво, одлучено е таа да биде пуштена на некоја од планините околу Скопје, каде слободно ќе продолжи со животот.




