Светскиот Македонски Конгрес (СМК) ја повикува Владата да се откаже од рокот за престанок на важноста на личните исправи на кои стои името Македонија по 12 февруари 2024 година, поради хаосот и последиците по статусот и престојот на македонските државјани во светот!



СМК потсетува дека сите визи, работни дозволи и потврди за престој на стотици илјадници македонски државјани во странство се врзани со бројот на важечките пасоши на кои стои името Македонија, за кои Владата најавува престанок на важноста по 12 февруари 2024 година независно кога се издадени!

Од таму предупредуваат дека стотици илјадници македонски државјани во странство ќе останат без работа, осигурување и социјална помош, по 12 февруари 2024 година.

„Владата да се откаже од рокот за важноста на пасошите и по итна постапка да предложи престанок на важноста на членот 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за патните исправи на државјаните на Република Северна Македонија (Службен весник на Република Македонија“ број 122 од 3 јуни 2021 година) кој гласи: “Патните исправи кои го содржат натписот ‘Република Македонија’ издадени до денот на започнувањето на примената на овој закон (1 јули 2021 година), ќе важат до истекот на рокот на важење кој е наведен во патната исправа, но најдоцна до 12 февруари 2024 година“ велат од СМК:

Од Светскиот македонски конгрес потсетуваат дека во Законот за личната карта и Законот за бебзедност на сообраќајот на патиштата, освен во Законот за патните исправи, нема изменувања и дополнувања со кои се утврдува рок за важност на важечките лични карти и возачките дозволи до 12 февруари 2024 година независно кога се издадени!

Истовремено, СМК бара македонската Влада за македонските државјани во светот да овозможи он-лајн пријавување за нов пасош и достава на пасоши по брза-пошта, поради дополнителните трошоци на кои се изложени: Конзулатите и амбасадите за голем број македонски државјани се оддалечени со илјадници километри – мора лично да поднесат барање за добивање пасош и после неизвесен период за сликање, повторно лично да го подигаат пасошот од надлежниот конзулат и амбасада.

СМК ја предупредува Владата дека врши кривично дело доколку ги наведува македонските државјани на дејствија кои треба да ги извршуваат по закони кои се ништовни, односно се неважечки: Законот за ратификација на Спогодбата Димитров-Коѕиас од 17 јуни 2018 година е неважечки, бидејќи не е склучен од овластено лице – претседателот на Републиката, туку од министерот за надворешни работи без активна легитимација, односно не произведува правно дејство, бидејќи е објавен во “Службен весник на Република Македонија“ без потпис на претседателот на Републиката на Указот за негово прогласување! Уставните судии во злосторничко здружение со Владата, иницијативите за поништување на Законот за ратификација на Спогодбата Димитров-Коѕиас од 17 јуни 2018 година и Указот за прогласување на Законот за ратификација на Спогодбата Димитров-Коѕиас од 11 јануари 2019 година ги држат во фиока, со тоа и тие вршат кривично дело!

Реакцијата на СМК е одговор на Соопштение на МВР дека сите валидни лични документи на кои стои старото име „Република Македонија“ нема да важат по рокот до 12 февруари 2024 година, според Преспанскиот договор. На 13 февруари 2024 година нема да можете да преминете надвор од државните граници со валиден пасош на кој стои старото име „Република Македонија“, односно, од тој датум, станува невалиден.