Законот за употреба на јазиците ќе предизвика фискални импликации во износ од 106 милиони денари, кои ќе се обезбедат од Буџетот на Република Македонија, пишува порталот „Академик“.
Во Законот е пропишано дека на целата територија во Република Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик покрај македонскиот и кирилското писмо, друг јазик е оној „што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните е службен јазик и неговото писмо (албански)“.
„Согласно ова, називите на институциите, како и сите други институции и нивните подрачни единици во единиците на локалната самоуправа во која најмалку 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик и во Скопје, ќе се напишат на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо како и на англиски јазик. Називите ќе бидат со иста големина и фонт, при што називот на македонски јазик и писмо ќе биде напишан прв“, пишува „Академик“.
Ова ќе се примени и во подрачните канцеларии на органите од државната администрација, понатаму за печатите на институциите, а институциите „ ќе овозможат и придонесат во работата ефективно да се користат, употребуваат и применат македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо“.




