Слупчане е тажна, но истовремено и совршена парадигма за (не)функционирањето на институциите на системот во тоа што остана од Република Македонија. „Слика и прилика“ за немоќта на тоа што се претставува како држава да заведе ред на целата своја територија. Само еден од едно чудо примери за (не)еднаквоста на граѓаните пред законот, односно за толерирање до бескрај едни да бидат „поеднакви“ од другите.
Само во паралелен универзум може како од шега да се најдат 200 илјади евра за гигантска спомен-кула за загинатите борци на ОНА, а во меѓувреме да се „нема“ за сметки за електрична енергија. И да се дочекува на нож секој обид на ЕВН за замена на броилата и за наплата на побарувањата. И да се демонстрира самоволие со диво приклучување на мрежата по исклучување на струјата, со оштетување на трафостаницата и оставање во мрак уште три села како директна последица.
Во секоја нормална земја незаконско постапување автоматски повлекува казна. Само во привид на држави во што ја претворија македонската, покрај струја, може да не се плаќа ни данок на имот, зошто општината, во случајов Арачиново, немала регистар на даночни обврзници (а сè има во Катастарот)?! И наместо одговорност за тоа, во два наврата доби помош од по половина милион евра од државата, средства за изградба на канализација и за асфалтирање улици, па дури и велосипедски патеки.
Некое си семејство од Студеничани, пак, си зело слобода да присвои и огради улици (?) на подрачје од триесетина куќи, спречувајќи ги екипите на ЕВН да санираат дефект настанат од преоптоварување на мрежата поради кражби и неконтролирано користење струја во тој дел од селото?! Како резултат на анархијата, стотина домаќинства останале без снабдување со струја…
„Шта реќи, а не заплакати“, што би рекле соседите од север. Покрај права, граѓаните во секоја уредена и цивилизирана држава имаат и обврски, како што се плаќањето „комуналии“. Арно ама, како да се апелира на нивната с(о)вест ако се има предвид дека и таткото на поранешен премиер крадел струја и за тоа е осуден, макар со условна казна?
Како да се бара почитување на Уставот и на законите во држава во која власта распиша референдум за името и потоа „мртва ладна“ ги игнорираше резултатите и ја преименува, наспроти јасната волја на две третини од избирачкото тело што го бојкотираше изјаснувањето? Како да се апелира за почитување на редот и поредокот ако власта глуми владеење на правото во случајот со одлуката на Уставниот суд со која над една илјада именувани функционери добија зголемување на платите за 78 проценти, за веднаш потоа да го саботира и исмева барањето на синдикатите за покачување на примањата на работниците од само 14 отсто?
Ова не е никакво оправдување за оние од Слупчане, Арачиново, Студеничани и од другите населени места што со своето однесување ја враќаат оваа заедница во камено време. Прекршителите на законот имаат име и презиме и воопшто не е важна нивната етничка или каква и да е друга припадност, бидејќи во редовите за регулирање на обврските во т.н. КЕЦ на ЕВН никој не ве прашува дали сте Македонец, Албанец, Турчин, Србин итн.
Парадоксално, но дури и од набројаните средини во кои се краде струја луѓето масовно се иселуваат. Што значи дека „бесплатниот“ ресурс не им значи многу, туку бараат нормална средина за живеење и за растење на своите деца. „Слупана“ држава како оваа ама баш никому не му е потребна. Кога ќе го сфатат тоа и тие, и сите други во жална Македонија, можеби и ќе се врати надежта дека од ова парче земја може да се направи пристојно место за живеење.






