Предметот познат како „Таргет-Тврдина“денеска ќе се најде на седница на Судскиот совет откако Апелациониот суд Скопје го врати на повторно постапување.
Претседателката на Судскиот совет Весна Дамева во врска со одлуката на Апелациот суд викендов во писмена изјава до медиумите најави дека денеска во рамки на нејзините овластувања веднаш ќе преземе дејствија, а Судскиот совет согласно своите надлежности, ќе го испита конкретниот случај и за преземените дејствија и за констатираната фактичка состојба ќе ја информира јавноста.
„Укажувам дека Судскиот совет нема надлежност да преиспитува, односно да оценува судска одлука, но има надлежност да ја констатира состојбата за текот на постапката во смисла на ажурно постапување и дали одлуката била донесена од страна на судија на кој му престанал мандатот поради исполнување на услови за старосна пензија„ се, вели во писмената изјава Дамева.
Премиерот Димитар Ковачевски како и многумина други изрази разочарување во однос на овој судски случај, што, како што кажа, само ја потврдува ниската доверба на граѓаните во правосудниот систем мерено според истражувањата на јавните мислења.
Претседателот Стево Пендаровски изрази шокираност од одлуката на Апелацискиот суд да ја укине пресудата за случајот „Таргет-Тврдина“, во која поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков беше осуден на 12 години затвор.
Одбраната на Сашо Мијалков, пак, ја поздрави одлуката на Апелациониот суд во Скопје оценувајќи ја како законита и праведна и заснована на доказите и фактите кои се наведени во жалбата поднесена против првостепената пресуда.







