Каква порака испраќа новата амбасадорка на САД со вчерашната посета на седиштето на ДУИ каде се сретна со лидерот Али Ахмети, со вицепремиерот Груби и министерот за Економија Бектеши?
Амбасадорката Ангела Агелер во Мала Речица замина веднаш откако ја крена тензијата во Македонија со најавата дека тим од Вашингтон кој се грижи за спроведување на санкциите на САД кон луѓе од Црната листа, се сретна со врвот на ДУИ.
Според официјалното соопштение од ДУИ на средбата се разговарало и за битката против корупцијата при што Ахмети дал вербална поддршка за активностите на САД на ова поле во Македонија.
За искусни дипломати кои читаат меѓу редови посетата на Агелер само на ДУИ, без истиот ден да има средби и со СДСМ и со Алтернатива како дел од владината коалиција, значи дека партијата на Ахмети е или пречка или главен партнер во најавената акција на САД за расчистување со корупцијата.
Фактот што ДУИ под контрола го има шефот на Јавното обвинителство за организиран криминал Ислам Абази за кој Агелер веќе изрази вџашеност, за дипломатите укажува дека Ахмети е ставен во тешка позиција.
Тој ќе мора да се согласи со прогон и апсење на своите учесници во корупциски скандали за кои веќе има завршени предистраги кои стојат во фиоката на Абази.
Во спротивно Ахмети и особено Груби можат да ги почувствуваат последиците од акцијата на американските власти кои најавија војна со корупцијата во Македонија каде ДУИ е на власт цели 20 години а ниту еден функционер од таму не бил зад решетки.
Практично Ахмети сега има две опции, или самиот преку своите механизми во МВР и обвинителството да нареди апсење на свои корумпирани сопартијци или тој или високи претставници на ДУИ да се најдат на црната листа на САД за поткопување на стабилноста на регионот.
Тоа што Ахмети со налог за апсење на свои сопартијци ќе ризикува тие да проговорат и за неговата улога во последниве 20 години веќе не е проблем на САД, анализираат добро упатени дипломати.






