„Рафално се убиени и во глава се пукани, многу грозно. Децава не биле криминалци, туку мирни деца, а овој стариот бил убиен најверојатно ради сведок“, му вели Миле Јанакиески на соговорникот во една од „бомбите“ кои денеска беа преслушувани во Основниот кривичен суд во Скопје каде продолжи судењето за петкратното убиство кај Смилковско Езеро.
Судењето продолжи со преслушување на 25 разговори и 133.000 СМС пораки и други материјали.
Во преслушаниот разговор Јанакиески разговара со извесен Кире Бошков, кој го прашува министерот дали има информација во врска со „убиството на децата“.
Пред почетокот на преслушувањето, обвинителката Фатиме Фетаи изјави дека разговорите се предадени онака како што ги добиле.
„Не смееме да ги раздвоиме. Како што ни се дадени од (премиерот) Зоран Заев, така ги предадовме, за да не биде дека нешто пропуштаме“, истакна Фетаи, пренесе „Фокус“.





