Словенечки министер си поденесе оставка поради афера за неплатена хотелска сметка

Словенечкиот министер за земјоделство Јоже Подгоршек поднесе оставка поради афера за неплатена хотелска сметка.



Според пишувањата на медиумите, Подгоршек во јануари годинава направил сметка од 800 евра во хотел во Бохињ, а по заминувањето не ја подмирил, туку тоа подоцна го направил наместо него земјоделски комбинат со кој Министерството за земјоделство има спор за сопственост на земјоделско земјиште.

Медиумите наведуваат дека се работи за судир на интереси, односно за корупција, бидејќи хотелот кој ја издавал сметката кога министерот престојувал во него бил во сопственост на лице поврзано со споменатиот земјоделски комбинат.

Во изјавата за јавноста, Подгоршек вели дека поднел оставка, но посочи дека го прави тоа за аферата да не и наштети на владата на премиерот Јанез Јанша пред изборите во недела (24-ти април), и дека тој не се чувствува лично виновен .

„Поднесувам оставка исклучиво поради задоцнето платената сметка и тоа е факт за кој ми е жал“, напиша Подгоршек во објавата на Фејсбук, жалејќи се дека медиумите го оцрнуваат.

Подгоршек влезе во владата на Јанша како член на пензионерската партија ДЕСУС, а откако таа ја напушти владата, тој се приклучи на демохристијанската Нова Словенија (НСИ), која го предложи за свој кандидат на изборите. Од партијата неговата оставка ја оценија како морален и одговорен чин.