Словенците со убедливо мнозинство ги отфрлија измените на Законот за води на вчерашниот референдум.
Дури 86,5 проценти од луѓето гласале против амандманите одобрени од Владата на премиерот Јанез Јанша во март, за кои екологистите велат дека претставуваат закана за животната средина и квалитетот на водата.
Одѕивот беше повеќе од 45 отсто од 1,7 милиони гласачи, што е највисоко на референдум од 2007 година.
Намерата на Владата да го измени Законот за води предизвика жестока дебата, а во фокусот на спорот е одредбата со која се регулира градење покрај море, реки и езера, особено хотели, продавници и ресторани.
Противниците на измените тврдат дека новиот закон ќе биде во интерес на приватните инвеститори и ќе го ограничи пристапот на јавноста до вода и ќе го загрози нејзиниот квалитет.
Прашањето на референдумот гласеше: „Дали сте за усвојување на Законот за изменување и дополнување на Законот за водите, што беше усвоен од Собранието на 30 март 2021 година?“.






