Славиме Велик Четврток и Тајната вечера

Православните христијани денеска го слават Велик четвртиот ден од Страсната седмица пред Велигден.



Започнува со Подготовката за Пасхалната вечера, позната како Тајна вечера на Господа Исуса Христа со апсотолите.

„Во првиот ден на Бесквасници, кога го колеа Пасхалното јагне, учениците Негови Му рекоа: Каде сакаш да отидеме и да приготвиме, за да ја јадеш пасхата?‘ “ (Марко 14,12).

По Божја наредба Евреите секоја година колеле пасхално јагне во спомен и сеќавање на преминот (пасха=премин), излегувањето од еврејското ропство.

Исус и Неговите апостоли сакале да го испочитуваат Старозаветниот закон за Пасха, а веројатно тоа го правеле и претходните три години. Христос ги испратил апостолите Петар и Јован , да ја подготват Пасхалната вечера.

Преданието вели дека станува збор за куќата на евангелистот Јован Марко во Ерусалим. Можеби, токму заради одржувањето на Тајната вечер во тој дом, кога е востановена светата Евхаристија, подоцна токму „куќата на Марија, мајката на Јована, наречен Марко“ постанува првиот храм во Ерусалим каде што се собирале мнозина и се молеле , односно ја продолжувале светата тајна Евхаристија.

Господ Исус Христос на оваа Пасхална вечера или Тајна вечера, зел најобични работи: леб, вино, чаша и чинија, и на сето му дал вечно значење како на човечкото тело што го зел врз себе.

Сличноста меѓу Пасхалната и Тајната вечера се покажува во тоа што и едната и другата е премин од ропство во слобода: првата, од египетското ропство, а втората, од ропството на гревот; и едната и другата имаат жртви: првата, Пасхалното јагне, а втората, Господа Исуса Христа; и двете поставуваат заедница со Бога: учениците, во Пасхалната вечера претставувале знак за единството со Бога, а во Евхаристиската вечера сите учесници – сите приматели, претставуваат единство со Христа, избавување од гревот и премин од материјалниот во вечниот живот.

Христос им ги измил нозетена неговите апостоли и им покажал пример на смирение и понизност, како и пример на љубов и жртва преку служење еден на друг. Да се натпреваруваат кој кому да му служи, а не кој да биде поголем и кој да владее со другите. Не го издвоил ни Јуда – и нему му ги измил нозете и тоа најпрво нему.

Христос ги поучувал апостолите до последен момент. Ги советувал и им велел да се сакаат помеѓу себе (Јован 13,12-16). Он им дал пример како треба да прават и тие. Бил како слуга меѓу нив (Лука 22,27). И завршил со зборовите:

„Кога го знаете ова, блажени сте, ако го извршувате“ (Јован 13,17). Поуките за љубовта меѓу апостолите претставувале уште една опомена на Јуда да се откаже од предавството, но тие не допирале до срцето негово, кое било обземено со злобност и среброљубивост.

Господ Исус Христос го знаел предавникот и на Вечерата го навестил:

„И кога седеа и јадеа, Исус им рече: ,Вистина, ви велам: еден од вас, што јаде со Мене, ќе Ме предаде.‘ Тие се разжалостија и почнаа еден по друг да велат: ,Да не сум јас?‘

А Он им одговори и рече: ,Еден од дванаесетте е, што мака со Мене во чинијата‘ “ (Матеј 26,20-25; Марко 14,17-21; Лука 22,14-23; Јован 13,21-26).

Светиот апостол и евангелист Јован бил најблиску до Господа Исуса Христа на Тајната вечера, та дури и главата си ја навалил на Него и затоа тој можел да ги чуе сите Христови зборови. Тој, како што забележал во Своето евангелие, откако се навалил на градите Исусови и му рекол: „Кој е Господи“, Исус одговорил:

„Оној е, на кого Јас ќе му натопам залак и подадам.‘

И кога натопи залак му го подаде на Јуда Симонов Искариот“ (Јован 13,25-26). На Јуда и во тие последни моменти му се дала можност да се откаже од својата предавничка намера и да се покае, но тој тоа не го направил.