Тасева за Анѓушев: Ваква закана и агресивност нема ни во Авганистан

Претседателката на “Транспаренси интернешнл” Слаѓана Тасева откри дека за време на прием во странска амбасада добила закани од вицепремиерот за економски прашања за поднесените кривични пријави во Случајот Фени индустри.



“Анѓушев се закани: ќе одам до крај, ќе те тужам, знаеш ли кој сум јас, јас сум најмладиот доктор на науки! Сето тоа со агресија, ароганција, и со неговиот бодигард до него, на приемот на Британскиот амбасадор.

Јас такво закана и агресивност не сум доживеала ниту во Авганистан каде некои од луѓето во власта се воени лордови. Тие што синоќа стоеја до мене останаа шокирани! Ова ли е владата за која одевме по улиците

Очигледно случајот Фени и мониторингот над стечајот што е во тек, вознемири многумина, а најмногу именуваниот. Постојано бара да гледаме што било пред тоа, односно кој крадел порано, а не што се прави сега.

Господа, криминалот и работењето пред стечајот нека го истражат и докажат институциите. Ние правиме мониторинг на тоа како се води стечајот денеска. А таму има проблем, стечајот НЕ се води добро.

И затоа има паника”, напиша Тасева на социјалните мрежи.

Тасева поднесе две кривични пријави за криминал во процесот на стечај во Фени и директно го посочи Кочо Анѓушев како инволвиран во незаконски активности.

Тасева соопшти за ова е известено седиштето на Транспаренси во Берлин и Брисел, како до премиерот Зоран Заев.

Анѓушев ги отфрла обвинувањата на „Транспаренски Интернешнал“ и побара длабинска анализа и истражување како настанал проблемот со фабриката Фени од Кавадарци. Вицепремиерот вели, дека фабриката конечно почна да работи, 800 работници редовно земаат плата, па затоа сомневањата треба да се насочат кон тоа кој претходно го доведе комбинатот во стечај.