Македонски народни носии и везови ќе бидат претставени до 5 декември на изложба во Етнографскиот музеј во Дубровник насловена „Скриеното богатство на Македонија – убавина што не познава граници“.



Музејот ќе ги претстави на јавноста бројните текстилни, но и други ракотворби, собрани во Македонија на преминот од 19. во 20. век, како и во периодот меѓу 1950 и 1960 година. Сите експонати се дел од колекции илои музејски збирки сочувани во Дубровник.

Изложбата е дел од истражувањето на текстилното ракотворство и на неговите трансформации во различни културно-историски периоди. Целта е да се прикаже придонесот на хрватските истражувачи во собирањето, заштитата и презентацијата на македонските народни носии, како и на националното културно наследство и на заедничките добра на сите словенски народи од Југоисточна Европа.

Покрај музејските експонати, на изложбата ќе можат да се погледнат и вредни примероци од фундусот на Фолклорниот ансамбл „Линѓо“, како и на приватни колекционери.

Авторка на изложбата е Бранка Хајдиќ, поставката ја потпиша Ивона Михл, а за нејзината реализација помогнаа и етнолози од Националната установа „Завод за заштита на спомениците на културата и музеј“ Битола.