„Скопско ехо“: Владините функционери да одат на семинар за штедење

„Во кризните времиња штедењето е еден од подобрите начини да се ублажат последиците од непредвидливата економска иднина. Тогаш е посебно важно парите, а посебно оние од државниот буџет, кои се заеднички на сите граѓани, да се трошат само за она најнеопходно и само за она, што ќе донесе брз позитивен ефект. Прават ли така македонските власти?“ – вели весникот „Скопско ехо“ во својата редакциска статија со наслов „Семинар за владини функционери – што е штедење?“

„Скопско ехо“ пишува: „Често сме сведоци на непотребни трошења, на набавки на канцелариски мебел, на службени автомобили, репрезентации, службени патувања, пијалоци, ручеци… Сега сме повторно во голема криза и штедењето е уште попотребно. На тоа веќе предупредуваат и најповиканите. Гувернерката на Народна банка Анита Бежоска им порача на властите дека треба да се внимава како се трошат јавните пари.“

„Властите мора да бидат насочени на трошоци, кои што директно влијаат врз животниот стандард на граѓаните, и кои го помагаат. Но, од друга страна треба да се насочени и на трошоци, кои што значат подобрување на темелите на економијата’ – нагласи таа.

Ова е само едно од низата експертски предупредувања, кои укажуваат дека штедењето и рационалното трошење на властите мора да им стане постојана, а не повремена обврска. Владата деновиве соопшти дека со претстојниот ребаланс на Буџетот ќе се заштедат околу 100 милиони евра.“

„Ќе има дополнително кратење 100 милиони евра непродуктивни трошоци, кои што не мора да се направат оваа година, дополнително на она што беше направено со кратењето од 8 проценти на тековните расходи минатата година и со дополнителните мерки, кои што се направија во првите 100 дена од Владата за ограничување на трошоците.’ – изјави неодамна премиерот Димитар Ковачевски.“

„Значи, простор за штедење имало. Но, се видоа ли сите непотребни трошоци, што требаше да се видат? И натаму треба да се испитуваат сите буџетски ставки, да се преиспитуваат сите трошења, сите службени патувања, сите државни набавки, сите репрезентации… Може ли власта да биде ревносна во намалување на растрошноста? Вработени во службата за општи и заеднички работи при Владата, како новинари, на државен трошок престојувале во Софија од 24 до 26 јануари.“

„Може ли власта да биде ревносна во намалување на растрошноста?Треба да се организира посебен семинар за владеачките функционери на тема: Што е штедење? Многумина мислат дека штедење е само ако не брцаат во својот џеб, а за државниот…“