„Скопско ехо“: Вратата кон „рајот“ не се отвора, бриселските лидери треба да ги штитат ЕУ-принципите

„Спласнува оптимизмот дека и на македонскиот календар ќе има ЕУ – ден. Се помалку се гледа дека вратата кон ‘рајот’ ќе биде отворена. По ова, останува и европските лидери, кои бараа многу отстапки од Македонија, да направат нешто и во одбрана на принципите на ЕУ.“ – вели весникот „Скопско ехо“ во својот редакциски коментар со наслов „Потсетување: холандскиот премиер ни кажа дека Бугарија не e оставена да прави што сака“

„Скопско ехо“ пишува: „Дојде јуни. Месецот кога ни се најавуваше дека ќе добиеме датум на кој ќе ни дадат датум по што ќе имаме многу датуми за преговори со ЕУ. Најавите доаѓаа и од македонските политичари и од Брисел. ‘Датумот е стокмен, ќе биде овој пат – сигурно, беа пораките. Еврокомесарите се редеа, за да ни кажат дека многу не сакаат и оти посакуваат Македонија да влезе во Унијата. За нашите политичари ич да не споменуваме – тие цело време велеа дека многу одработиле за да дојде датумот за давање датум и дигаа палци по авионите, шетајќи низ Европа. Арно ама сега некако спласнува оптимизмот дека и на македонскиот календар ќе има ЕУ – ден. Се помалку се гледа дека вратата кон „рајот“ ќе биде отворена.“

„Чаре? Овој пат решението треба да се бара во самите редови на ЕУ. Тамошните лидери ветуваа многу кога бараа многу отстапки од Македонија. Македонската власт им поверува и ги испорача отстапките и покрај големите удари што ги нанесе на Македонија. Освен тоа, останува бриселските лидери да направат нешто и во одбрана на принципите на ЕУ. Па со години тикму тие не учат дека најважна е демократијата, правдата, правичноста, слободата…“

„Овие неколку дена ќе видиме и што ќе направат лидерите на повлијателните земји во ЕУ. Еве, на пример, холандскиот премиер Марк Руте, кој не така одамна беше во ненадејна посета на Скопје – кога не се знаеше дали Заев ќе има мнозинство за да опстане Владата на СДСМ и ДУИ. Тој тогаш ни кажа дека ‘не е точно оти Бугарија е оставена да прави што сака“.

„Што прави тој и другите лидери како Макрон, Шулц… Бугарија навистина да не прави што сака? Или можеби пак некој еврокомесар ќе дојде во Скопје и ќе ни каже: „ЕУ многу ја сака Македонија, ама треба само…“