„Владините министри треба да мислат на кризата и состојбата, во која се граѓаните и фирмите. Намалувањето на акцизата би довело цените на горивата да се намалат и до 20 денари по литар.“ – вели весникот „Скопско ехо“ во својот редакциски коментар со наслов „Прескапо е: Владата да ја преразгледа одлуката за акцизите на горивата“.
„Скопско ехо“ пишува: „Цените на прехранбените продукти, но и на горивата растат до небо. Горивата имаат нова цена скоро секој ден. Граѓаните се потешко се справуваат со ова. Ќе видиме какви ефекти ќе има замрзнувањето на маржите на 5 и на 10 проценти, кое го направи Владата за некои прехрамбени продукти. Наведува на размислување, тоа што замрзнувањето сега не е извршено како самостојна одлука на Владата, како што беше во неодамнешната ваква мерка, туку таков предлог дојде токму од бизнис-заедницата.“
„Што ќе преземе Владата самостојно? Дали и трговците на горива имаат некаков предлог за намалување на цените на бензините? Порастот на цените на горивата е застрашувачки. Цените на бензините од 111,50 и 113,50 денари, на дизелот од 107,50 денари веќе стануваат неиздржливи за граѓаните, но и за голем дел од фирмите. Јасно е како им оди бизнисот на фирмите. Кога Владата ќе реагира и покрај бројните барања да се интервенира? Цените на горивата ниту се замрзнуваат, ниту се намалуваат акцизите.“
„Владата има своја сметка и секојдневно пресметува колку повеќе пари прибрала во буџетот по основ на поголеми акцизни приходи на вака високи цени на горивата. Не е исто да се плаќа акциза на цената од 85 денари по литар гориво и на 113, 50 денари. Министрите треба да мислат на кризата и состојбата во која се граѓаните и фирмите. Намалувањето на акцизата би довело цените на горивата да се намалат и до 20 денари по литар. Владата е на потег.“





