„Скопско ехо“: „Ветувањето за датум не се исполнува, иако Македонија се откажа од многу белези на својата државност“

„Пак датумот е маката. Оној де, ветениот датум од ЕУ – за Македонија, кога ќе стигне? Е, ова прашање многу фрустрации и нервози буди кај граѓаните на Македонија. Дури и бриселските евро-функционери велат дека би биле среќни да се реши проблемот, дека многу не сакаат во нивното друштво, оти споделуваме многу вредности, па се до тоа дека тешко им паѓа блокадата од Софија.“ – вели весникот „Скопско ехо“ во својот редакциски коментар со наслов „Вархеи од разочаран премина во фрустриран, а знае ли како ни е нам?“

„Скопско ехо“ пишува: „Најчувствителен во последно време е токму еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи, кој веќе се поотворено кажува колку влијае врз него проблемот, што го наметна официјална Софија. Така, на пример, кон крајот на април, при посетата на Софија тој кажа дека е многу разочаран, поради тоа што Македонија и Албанија не може да ги започнат преговорите.“

„Разочарувачки е што и по неколку години се уште дискутираме за почеток на преговорите со Македонија и Албанија. Сите земји-членки мора да веруваат во моќта на процесот на проширување, рече тогаш Вархеи на панел-дискусијата ЕУ – Западен Балкан. Разочарувањето, се чини, не му поминало туку станало уште поголем проблем – станало и фрустрација. Еврокомесарот тоа вчера и го кажа пак при посетата на Софија. ‘Сè уште нема решение и тоа многу нè фрустрира. Не можеме да продолжиме напред со процесот на приклучување на с.Македонија кон ЕУ без сите држави-членки да го одобрат тоа. Сè уште очекувам поддршка од Бугарија. Работиме на тоа со сите овие разговори, кои што ги имав тука, како и во Скопје. Би сакале да видиме договорот да се постигне во јуни, изјави Вархеи.“

„Ќе му помине ли набрзо фрустрацијата на еврокомесарот? Знае ли тој, а и неговите колеги во Брисел, колкави се фрустрациите и нервозата кај македонските граѓани? За разлика од Вархеи, ние имаме многу поголем стаж во чекањето некој да ги дигне пречките и да се добие датум за преговори со ЕУ – цели 18 години!? Фрустрацијата е поголема кога ветувањето за датум не се исполнува, иако Македонија на нивно барање и притисок се откажа од многу атрибути на својата државност. Македонските генерации изгубија децении од својот живот ставени во чекална, која во последно време изгледа дека не е ниту чекална. А сосема друго и беше ветувано.“

„Таа тежина, таа неправда е повод за голема фрустрација. Таа не поминува со седнување во авион и со одење дома, или во удобна бриселска канцеларија. За таа фрустрација решението е само Брисел да ги почитува демократските принципи, правата за самоопределување… Вархеји е на потег. И за неговата и за македонската фрустрација.“