„Меѓу два и три милиони евра до лани изнесувала годишната сметка, плаќана од државниот буџет за членовите во разните управни и во надзорни одбори ширум Македонија. Повеќе од 1.600 лица за својот повремен ангажман добиваат солиден паушал – 5.000, 7.000, 10.000, 12.000 денари…“ – вели весникот „Скопско ехо“ во својот редакциски коментар со наслов „Роди ме мајко к’сметлија, други ќе ме фрлат во управен одбор!“
„Скопско ехо“ пишува: „Сите тие лица се распределени по управните одбори, кои постојат во центрите за јавно здравје, 35-те здравствени домови, во 30-те центри за социјална работа, студентските домови, во универзитетските клиники, како и други агенции, дирекции, државни центри, фондови…“
„Колку се неопходни овие скапо платени лица?“
„Има примери каде социолози или стоматолози или… треба да носат одлуки за работењето на аеродромите, на железниците, на… Треба ли да се нагласува дека најчесто се бираат лица, кои се блиски до партиите? Јасно е колку се ефикасни таквите управни и надзорни одбори. Кое јавно претпријатие може да се пофали дека работи успешно? Затоа, нели е крајно време барем да се намали бројот на членовите во раководните институции?“
„Политичарите пред избори ветуваат се, па и ова. Но, до каде е работава? Владата минатата година најави дека сето ова ќе се менува. Односно, дека ќе се донесе ново законско решение, според кое бројот на членови на управните одбори се намалува од сегашните 15, на 7 членови , односно 5 во помалите општини, а бројот на членови во надзорните одбори на јавните претпријатија се намалува од сегашните 5 на 3 членови. Исто така, и дека ќе се намали надоместокот, што го земаат членовите на управни и надзорни одбори, напоредно со менувањето на начинот како ќе се избираат. На изборот ќе можеле да учествуваат сите граѓани преку јавниот повик…“
„Што бидна? Владата и Министерството за економија треба да ја информираат јавноста дали и натаму се расфрлаат со паушали во управни и надзорни одбори или трошењето е намалено. Произлегува дека се уште премногу има залепени за државна ‘дојка’ и оти цицаат, судејќи според премиерот Ковачевски, кој рече деновиве оти во овој момент има членови на управни одбори што, генерираат загуби, кои имаат поголеми плати од него, од претседателот на државата, од претседателот на Врховниот суд…“
„Треба да прекине новонастанатата поговорка: ‘Роди ме мајко к’сметлија, други ќе ме фрлат во управен одбор.“ – заклучува „Скопско ехо“ во својот коментар.





