„Објавените резултати од пописот во Македонија и понатаму ја брануваат јавноста. Првичната недоверба кај многумина веднаш по објавување на резултатите се уште не е отстранета. Дали Владата ќе формира експертска комисија? Ќе ги прочешла ли пописните резултати, или ќе го игнорира Павле Трајанов?“ – вели весникот „Скопско ехо“ во својата редакциска статија со наслов „Дали Владата ќе го игнорира Павле Трајанов за проверката на пописот?“.
„Скопско ехо“ пишува: „Веќе се намножија многу дилеми околу конечните податоци. Од која етничка заедница и што се по вера 132.260 лица, кои се административно попишани? На кои групи припаѓаат 242.579 попишани „христијани“? Колку има „атеисти“, а колку „евангелски-протестанти“? Зошто во вкупното население се впишани и 260.606 нерезидентни лица?“
„Како се случи пораст од 30.000 попишани домаќинства од завршувањето на пописот па до објавата на податоците? Колку навистина има припадници на заедниците во Македонија? Овие, но и други дилеми, кои кружат во јавноста, беа отворени од политички партии, МПЦ, од експерти, граѓани…“
„Оттаму и се случи бран на непризнавање и на неприфаќање на објавените податоци. Сето ова се прашања, кои мора да се расчистат. За таа цел е и вчерашниот предлог на лидерот на Демократскиот сојуз Павле Трајанов, Владата да формира експертска комисија составена од девет члена, која во соработка со Заводот за статистика и другите државни институции ќе ги провери податоците од пописот и ќе ги отстрани евентуалните грешки.“
„Трајанов бара едновремено да се донесат измени и дополни на Законот за попис на населението, домаќинствата и становите, со кои од пописот ќе се изостават нерезидентите и преку вкрстување на податоците од евиденциите, но и со директен контакт со лицата што не се попишале, да се соберат податоците согласно со прашалникот за попис.“
„Дали Владата ќе формира експертска комисија? Ќе ги прочешла ли пописните резултати, или ќе го игнорира Павле Трајанов, кој не ја игнорира Владата туку гласа за нејзин опстанок?“ – заклучува „Скопско ехо“ во својата статија.





