„Скопско ехо“: „Потребни се политичари со исправени ‘кичми’, кои ќе и кажат на ЕУ: ‘Доста со лагите и ултиматуми од Софија!“

„Сака ли ЕУ навистина во своите редови да ја види Македонија? Дали Брисел се однесува сериозно кон Скопје? Прифаќаат ли македонските граѓани и понатаму да бидат вака третирани од Унијата која вели дека е центарот на демократијата? Колку желбата за членство во ЕУ е силна во Македонија, а колку се бараат и други решенија? Овие и многу други слични прашања се отвораат се почесто во македонската јавност.“ – вели весникот „Скопско ехо“ во својата анализа со наслов „ЕУ да покаже повеќе сериозност кон Македонија, а нашите политичари повеќе достоинство“.



„Скопско ехо“ пишува: „Голем дел од граѓаните се уморни од ‘принципиелноста’ на евро-атлантската меѓународна заедница, која има непостојани критериуми за тоа што е кршење на меѓународното право. Разочарани се и од односот: ‘Еве ви ветувања, ама ќе попричекате да ги исполниме.’ ‘Бевме уверувани со години дека ЕУ е најправичното место на планетата. Од многу работи се откажавме како македонски народ, како што тие бараа и сега пак си поигруваат со нас и не држат пред заклучените европски порти. Не лажат. Време е ЕУ да покаже дека е сериозна кон нас, во спротивно не треба да им бидеме слепи послушници. Македонија не треба да биде членка на ЕУ по секоја цена. Треба сами да си го бараме чарето.’ – вели Јован Е. Повеќе анкети за расположението и ставовите на граѓаните покажуваат дека многумина мислат како Јован. Граѓаните се помалку веруваат во приказната за членство во ЕУ, се сметаат излажани, некои бараат и вртење кон други партнери.“

„Нивната волја не е доволна“

„Новиот бран на разочарување деновиве настана по изјавата на високиот претставник на ЕУ Жозеп Борел дека ‘не може да ни вети датум за почеток на преговорите, но може да вети волја’“. Изјавата дојде по цела серија на одложувања на фамозниот ‘датум’ за датумот кога Македонија ќе почне долго само да преговара со ЕУ за членство. Така е 17 години. Еднаш една држава не кочи, па друга ја сменува во истата улога, па ЕУ менува методологија, па трета држава не кочи… А во меѓувреме, од официјален Брисел, како и сега од Борел, само добиваме пораки дека ‘ве сакаме многу во ЕУ“, ‘местото ви е во ЕУ’, ‘има расположение’…“

„Македонскиот народ е многу разочаран од лицемерието и лагите на ЕУ. Веќе не ни треба таква лицемерна ЕУ. Односот на Европа кон Македонија отсекогаш бил дволичен. Европа продолжува да не лаже и ги спроведува своите двојни аршини.’ – вели Димитар Толевски. Неодамнешната анкета на ‘Меѓународниот републикански институт’ покажа дека околу 40 проценти од граѓаните сметаат дека Евроазиската унија е алтернатива за ЕУ. Разочараност кај граѓаните доаѓа и од тоа што македонските власти прават се што се бара од нив: се попушта, се прифаќаат сите условувања и понижувања. Се прифаќаше промена на државното знаме, потоа и на името. Се откажавме и од грижата за Македонците во соседните земји… ‘Постои ли барем една држава, која направила толку отстапки, а за возврат не добила ништо? Поради толкуте лаги немам доверба повеќе во нашите политичари немам верба, а камоли во европските.’ – истакнува Синиша Дракуловиќ.“

„Македонските граѓани сакаат да видат демократичност во ЕУ. Тоа изостануваше и во случајот со спор со Грција, така е и сега со апсурдните ултиматуми од Софија. Тие сакаат да видат и македонски политичари со исправени ‘кичми’, кои ќе му укажат на Брисел дека е доста со неисполнети ветувања и додавања на нови и нови барања. ‘Македонските политичари мислат дека разочарувањето на народот е резултат на пропаганда и на влијанијата на другите опции, а не дека тие и Брисел се причината. Затоа и нема подобрување на односот кон народот.’ – беше една од реакциите која деновиве ја добивме преку интернет.“

„Како да оди напред евроинтеграцијата на Македонија кога ЕУ има членка, која го блокира тоа? Дали ЕУ сега ќе притиска за да биде донесен македонско-бугарски компромис час поскоро? Ќе значи ли тоа притисок за ново македонско попуштање, за да се задоволат барањата на ЕУ и нејзина членка? Граѓаните стравуваат поради овие прашања. ‘Власта ги исполнува желбите на Грција и Бугарија, колку и да се тие омаловажувачки, само да се одржат на власт. Подготвени се докрај да ги распродадат Македонија, македонскиот народ, македонскиот идентитет, македонскиот јазик и култура, се што е македонско. Европа никогаш нема да ја прими оваа ‘држава’, која самата си ги продава своето име, идентитет и историја.’ – вели Јордан Ивановски. ‘ЕУ применува двојни аршини. Постапува дволично, ја толерира Бугарија за нејзините нехумани и неаргументирани барања. Со тоа македонското барање и очекување се оддложуваат во недоглед.‘ – смета Олгица Јосифовска.“

„ Да почекаме ЕУ да си ги реши внатрешните проблеми“

„Брзањето на Владата во Скопје да се преговара со Бугарија во овие времиња на големи премрежја е можеби погрешно. Дека не треба да се ита во една прилика укажуваше и претседателот Пендаровски. Скопјанецот Емил нагласува: ‘Особено сега во овие силни кризи ЕУ воопшто не мисли да се проширува со нови членки. Затоа, треба да се почека со преговорите со Бугарија. Брисел сигурно ќе се реформира и трансформира и потоа ќе се покаже дали е за нови членки или не. До тогаш ние треба дома да си ја средуваме државата. Но, со овие политичари тоа тешко ќе оди.’