„Скопско ехо“: „Политичарите од СДСМ сега пишуваат писма, но на изборите и земјоделците со пенкало ќе пишуваат…“

„Министерот за земјоделство Љупчо Николовски, како и другите македонски политичари, фати да пишува писма и во едно такво, пратено до лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски, го повикува да не ги блокира ‘земјоделските закони’, од кои зависеле 20 илјади семејства. Но, блокадата на Парламентот трае досега само неколку дена, а распишаниот министер не навел во своето писмо зошто тие закони не биле усвоени досега? Политичарите од СДСМ и овој министер сега го земаат пенкалото да пишуваат разни писма до разни примачи, но, и земјоделците ќе земат пенкало в раце на денот на изборите и тогаш тие ќе пишуваат…“ – вели „Скопско ехо“ во својот коментар со наслов „Сите пишуваат писма, напиша и министерот Николовски, арно ама…“

„Скопско ехо“ пишува: „Македонските политичари деновиве се распишаа писма. Следејќи ја ‘модата’, писмо напиша и министерот за земјоделство Љупчо Николовски. Го адресира до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Зошто се одлучи на ваков чекор? Не може да се сретне со Мицкоски, па тој не живее и не работи во Истанбул?“

„Што му напишал? Министерот за земјоделие, јавно со писмо – сите да видат, апелира до Мицкоски неговите пратеници да не ги блокираат ‘земјоделските’ закони. Наведува дека од поволностите, што ќе ги донесат таквите закони, директно или индиректно зависат 20.000 семејства. ‘Граѓаните се уморни од партиските препирки и несогласувања. Неопходно е сите да се насочат кон брзо решавање на животните и егзистенционалните приоритети на земјоделците и сите граѓани. Ова писмо не е политички пазар туку апел.’ – нагласува Николовски.“

„Потоа, во писмото и ги навел предложените закони, кои чекаат на собраниското усвојување. Меѓу нив се и Закон за земјоделство и рурален развој, по скратена постапка, со кој ќе се отстранат пречките за исплата на субвенциите на производителите на тутун и останатите земјоделски стопанства, закон со кој земјоделците ќе се поттикнат да формираат задруги, закон за основање на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, законот за тутун, производи од тутун и сродни производи – скратена постапка…“

Фино што ги навел законите, што чекаат усвојување. Но, не напишал: зошто до сега тие закони не се донесени? Активната блокада на Парламентот од страна на опозицијата трае само неколку дена. Зошто се чекало со месеци? Партијата на министерот цело време уверува дека имаат стабилно мнозинство во Парламентот и оти многу посветено работат за доброто на граѓаните. Дете од шесто оделение знае дека лесно се изгласуваат законите, ако се соберат 61 пратеник. Истото дете знае и дека работите се завршуваат, ако се има намера да се завршат, ако се запне, ако…“

„Зошто досега не се донесени одредени закони, кои датираат уште од минатата година? Што го попречило нивното донесување, од кое полза ќе имаат многу граѓани, а за општата корист, нели, и министерот се бори? Но, за тоа ќе треба да се напише ново писмо. Засега, едно е сигурно: земјоделците ќе го земат пенкалото на денот на изборите. Тогаш тие ќе пишуваат.“ – заклучува „Скопско ехо“ во својот коментар.