„Скопско ехо“: „Политичарите немаат национално и државно достоинство, но имаат свиткан ‘рбет пред странците“

„За да бидеш почитуван и уважуван мора да имаш знаење, да си вреден и да имаш достоинство. Ова беше една од главните лекции за животот, која наставничките ни ја раскажуваа додека бевме ученици. Биле ли македонските политичари на тие наставни часови?“ – прашува весникот „Скопско ехо“ во својот редакциски коментар со наслов „Каде им е достоинството на македонските функционери?“



“Скопско ехо“ пишува: „Околу нивното знаење и работливост – јасна е работата. Но, населенито во Македонија се повеќе се прашува – каде им е на тукашните функционери достоинството?“

„Ќе дојдат странци и ќе им речат: ‘Треба да го смените државното знаме; да си земете ‘привремена’“ референца како име за државата, за да влезете во ОН; да направите приватизација таква што ништо да не остане здраво; ‘Да си го смените името на државата’; ‘Да се откажете од делот на историјата; да ги заборавите Македонците во соседните земји’; ‘Да си признаете дека имате други национални корени, да го реформирате образованието и здравството по наш терк, да…’ И нашиве политичари насмеани и среќни дека странците се фотографираат со нив сето тоа го прифаќаат и го спроведуваат.“

„Слично е и дома, ќе кажат – ова мора вака да биде – ама коалиционен партнер ќе им за’ржи и наеднаш не се оние големите и решителни лидери какви што се претставуваат самите себеси.. Чуден начин на покажување на достоинство. Каква оценка би им ставиле наставничките?“

„За преодна оценка ли е што нашите политичари, државни раководители, лидери менуваа имиња на државата, менуваа знамиња, закони, историја, устав и што се уште преговараат соочени со блокади и уцени, давајќи сигнали дека се подготвени да бидат послушни и понатаму?“

„Еден поранешен премиер дури и отворено порача: ‘Нам ни треба човек со камџик.’ Во друга пригода рече: ‘Треба да се свитка ‘рбетот и Македонија мора да направи отстапка…’ Сето ова пред очите на јавноста, пред очите и на најмладите поколенија, кои растат и созреваат како граѓани.“

„Што доби свитканиот во ‘рбетот? Тапкање по рамо, најава за Нобелова награда…, а Македонија, која нели тој ја брани и сака, доби многу, многу странски пораки: ‘Наскоро ќе дојде датумот“, ‘Ве сакаме меѓу нас“, ‘Работиме напорно за доброто на вашата земја’…
„Сега што да ги учат наставничките децата во училиште? Дали досегашните министри, премиери и претседатели треба да им бидат пример за достоинство, или ич да не ги споменуваат во лекциите, туку да си земаат примери од други држави каде има друг тип на лидери?

„Крајно време е македонските политичари да се запрашаат до каде води ова нивно однесување? Каков пример со чувањето на националното, државното па и личното достоинство им се остава на најмладите генерации? Или ним им одговара да се избрише таа лекција за достоинството? Така полесно ќе се избришат и лекциите по историја, јазик… оти така бараат ‘наставниците’ од надвор.“