„Скопско ехо“: „По апсурдниот попис апсурдно прашање: дали и православните се христијани како католиците и протестантите?“

„Пописните резултати отворија многу нејаснотии и многу прашања во Македонија. Има дури и прашања, кои се сосема нови и кои не се поставени досега ниту кај нас, ниту во светот. Едно од тие прашања е: дали православните верници, како и католиците и протестантите се христијани? Прашањето е дури и шокантно, ама се наметнува, ако се следат пописните резултати и начинот како е воден пописот.“ – вели весникот „Скопско ехо“ во својот редакциски коментар со наслов „Пописна дилема: Дали православците, католиците и протестантите се христијани?“.

„Скопско ехо“ пишува: „Попишувачите на чело со директорот Апостол Симовски ни обзнанија дека во Македонија како ‘христијани’ се изјасниле 242.579 граѓани. Имало посебна графа и можност за изјаснување како христијанин. А имало и графа за протестант, за католик, за православен верник. Така настана нејаснотијата: дали 46.14 отсто од резидентното население во земјава или 847.390 лица, кои се изјасниле како православни, или 6.746 (0.37 отсто) како католици, протестанти… се христијани?“

„Дали точно е одразена ‘верската карта’ во Македонија? На која верска деноминацијаија (подгрупа) во рамките на христијанството и припаѓаат ‘христијаните’? Дали се тие православни христијански верници, католици, протестанти…? Сето ова укажува дека направениот попис не ја дава реалната слика на верските определби на граѓаните. Тоа го укажа и Синодот на МПЦ.“

„Надлежните за пописот треба да објаснат зошто вака било дозволено да се изјаснуваат граѓаните? Тоа е незнаење, грешка или…? Зошто вакви помали религиски групи и варијации не се ставени како можност и за други голема религии, туку само за христијанството? Освен ова, како и во случај на бројноста на етничките заедници, загатка остана што се по верска припадност 132.260 лица кои што се административно попишани? Тие се внесени во вкупниот пописен резултат, но не се знае што се по верска определба.“

„Со тоа, не е изненадување сегашните бројки да се сосема различни од оние добиени со пописот во 20002 година кога имаше 1.310.184 православни христијани (64,78 отсто), 674.015 муслимани (33.33 отсто), католици – 7.008 (0,35 проценти), протестанти – 520 (0,03 отсто и други – 30.820 (1,52 отсто).“

„По се ова спроведувачот на изборите треба и сам себе, но и на јавноста да одговори – може ли да се смета за реален и објективен пописот на населението во делот каде граѓаните ја искажувале својата верска припадност? Зошто се дозволи да има такви апсурдни резултати на пописот, по кои се наметнуваат и апсурдни прашања?“ – прашува „Скопско ехо“ во заклучниот дел на својот коментар.