„Македонскиот претседател Стево Пендаровски вчера се прошета низ дел од Македонија. Ги посети демирхисарските села Слоештица, Бабино и Слепче во рамки на проектот ‘Лице в лице со претседателот’. Се сретна со жителите од овие села, ги посети знаменитостите, што ги имаат. Убаво е што направил така. Туку, видел ли се што требало да види?“ – вели весникот „Скопско ехо“ во својот редакциски коментар со наслов „Добро е што Пендаровски прошетал во Демирхисарско, ама… “.
„Скопско ехо“ пишува: „Во селото Слоештица тој ја посети спомен-собата на големиот македонски писателот Петре М. Андреевски, сместена во некогашниот Задружен дом, кој се реконструира и ќе прерасне во нов Мултифункционален центар. ‘Во селото Слепче претседателот Пендаровски го посети манастирот ‘Св. Јован Претеча’. Беше запознат со историјатот на манастирот, кој бил и значајно црковно и манастирско средиште на Охридската архиепископија.’ – информира претседателскиот Кабинет.“
„Во информацијата не пишува дали претседателот забележал какви се патиштата до тие села. Дали имаат доволно инфраструктура? Имаат ли здравствена заштита? Колку жители имаат? Дали се веќе на одумирање…? Огромен број од селата се заборавени од централната власт. Новиот попис покажа дека во последниве 20 години уште 58 села се целосно опустени во Македонија. Сега има 205 целосно испразнети села. Во 2002 ги имаше 147!“
„Го гледа ли ова претседателот Пендаровски и што прави тоа да се надмине? Тој нема многу надлежности околу овие прашања, но, сепак треба да прави видливи заложби за подобрување на условите за живот во внатрешноста на Македонија.“
„Добро е што Пендаровски прошетал во Демирхисарско, но ако таму наскоро не почне некаква работна раздвиженост, ако нема растрчани лица од централната и локалната власт, тогаш е прашање: колку би било корисно слично шетање и по други краеви на Македонија? Не треба шетање, туку работење.“ – заклучува „Скопско ехо“ во својот коментар.





