„Скопско ехо“: „Османи и Маричиќ ‘испреговараа’ француски ‘катиљ ферман’ без ‘црвени линии’ на РМ! – Оставка!“

„Бујар Османи и Бојан Маричиќ немаат повеќе доверливост како министри да ја водат македонската евроинтеграција. Тие „испреговараа“ крајно неприфатлив „француски предлог“, без ниедна македонска “црвена линија’, кој е повеќе султански ‘катиљ ферман’, кој и дава право на Бугарија да и наредува на Македонија, што да прави. Двајцата министри треба сами да поднесат оставки и да не чекаат друг да ги повикува на одговорност.“ – вели весникот „Скопско ехо“ во својот редакциски коментар со наслов „Зарем Османи и Маричиќ нема сами да си заминат од министерствата?“

„Скопско ехо“ пишува: „Помина и денот кога Македонија требаше да добие датум од ЕУ. Ни ветуваа и домашни и странски функционери дека ‘датумот’ е блиску, ама ете, пак го снема од календарот. Што направи македонската дипломатија околу целата оваа рашомонијада? Помагаше, одмагаше…?“

„Македонија како држава, сите нејзини институции и граѓани, беа соочени со француски предлог, што личи повеќе личи на султански ‘катиљ ферман’, по кој Македонија ќе добиеше многу датуми, на кои Бугарија ќе наредува на Скопје, што да направи. Времето ќе покаже како настанал францускиот предлог, кој му кумувал и кој дал согласност за сето она што беше напишано во него. Дали бил само француски или и македонски и бугарски?“

Поразително е, што нашата дипломатија, како што вели, ‘не знаела’ за ваквиот предлог. Смеела ли да не знае? Всушност, дали е вистина дека не знаела, или така се зборува, за да се намали револтот во јавноста? Сепак, поважни се одговори на други прашања: како можело нашата дипломатија, предводена од министерот за надворешни работи Бујар Османи и вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ, да не успее да дознае каков ќе биде францускиот предлог? И најважното: што му укажувале министрите на официјален Париз дека е ‘црвена линија’ за Македонија?“

„Дали предлогот на Франција е одраз на често досега претставуваната состојба за свитканоста на македонскиот ‘рбет? Министрите често патуваа во ЕУ. Преговараа, велеа дека има напредок…. Ама, излезе крајно неприфатлив предлог на крајот. Да не се мислеше можеби дека македонската јавност и ова ќе го голтне?“

„Зарем сето тоа не е доволна причина Османи и Маричиќ двајцата доблесно сами да си поднесат оставки? Не треба да чекаат друг да им побара одговорност. Вчера се виде јасно дека нивното работење не е добро. Во спротивно, која доверливост ќе ја имаат Османи и Маричиќ како министри задолжени за надминување на овој проблем и во Македонија и во ЕУ?“