„Скопско ехо“: „Нека не мисли Владата дека ја завршила борбата со корупцијата со постоењето Антикорупциска комисија!“

„Корупцијата и неконтролираното трошење државни пари го разјадуваат македонското општество. Власта вели дека многу се бори против таа напаст. Ама… Државните антикорупционери вчера одново предупредија поради непотребните трошења државни пари. Пресметале дека само за последните три години Владата потрошила пет милиони евра за изнајмување возила на лизинг, при што бил фаворизиран еден ист економски оператор.“ – вели весникот „Скопско ехо“ во својот редакциски коментар со наслов „Каде завршуваат укажувањата од Антикорупциската комисија?“.

„Скопско ехо“ пишува: „Антикорупционерите препорачаа да се преиспита ваквото изнајмување на коли, за да се види дали е секогаш оправдано… Препораката е испратена до заменик-премиерката за политики за добро владеење Славица Грковска, која сега треба да го направи она што антикорупционерите го бараат. Останува да се види дали така ќе биде.“

„Не се баш охрабрувачки досегашните примери на постапувања на надлежни државни органи по укажувањата на антикорупционерите. Претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска во јануари годинава се пожали дека од 18 иницијативи, кои во изминативе три години ги доставиле до Јавното обвинителство, се постапува само за две иницијативи. Таа тогаш побара Јавното обвинителство да постапува поекспедитивно, но…“

„Очигледно е дека бројните предмети, укажувања, пријави… што ги поднесуваат антикорупционерите не добиваат соодветен одговор од надлежните државни институции. Најчесто се стават во нечии фиоки и се забораваат. Зошто институциите, кои што ги добиле, не постапуваат по нив?“

„На Македонија и треба борба против корупцијата, а не антикорупциска комисија, со чие постоење власта мисли дека си го завршила делот во борбата со корупцијата.“