„Скопско ехо“: „Македонската православна црква осветува миро, по четврти пат откако е возобновена како автокефална“

„Свечен чин на осветување на новото миро ќе биде извршен денеска од страна на црковните достоинственици на Македонска православна црква во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје. По повеќе од дваесетина години ова е ново варење на миро и вкупно четврто откако македонската црква е возобновена како автокефална во 1967 година.“ – објави весникот „Скопско ехо“.

„Скопско ехо“ пишува: „Осветеното миро е посебно масло, со кое во црковните храмови се извршува светата тајна миропомазание по крштевањето и се осветуваат цркви и антиминси. Варењето свето миро е одлика на автокефални цркви, иако тоа може да се добива и од други православни цркви.“

„Тоа се прави на посебен начин и постапка која трае цели три дена. Годинешново варење на миро започна на 18 април во Соборниот храм во присуство на архиепископот г.г. Стефан и други владици. Откако мирото беше сварено во него беа излиени бројните етерични масла. Потоа новосвареното миро беше излеано во алавастери. Тоа беше пренесено во олтарот на Соборниот храм ‘Свети Климент Охридски’, кадешто денеска за време на Великочетврточната Василиева Литургија архиепископот ќе го освети новото миро во сослужение на останатите архиереи.“